Блиски Исток

Илјадници протестираат во Израел, бараат ослободување на заложниците во Газа

09.09.2024 09:15

Израелската војска продолжува со операциите во Газа. Земјите од Арапската лига на итен состанок во Каиро за војната во енклавата и за хуманитарната криза во регионот. Во Тел Авив нови протести со барање за прекин на огнот и ослободување на заложниците...

Операциите на Израелската одбрана продолжуваат низ Газа, а најжестоките борби се водат во Кан Јунис. Армијата вели дека се обидува да избегне да им наштети на цивилите и дека цели само на милитантите.

„Во Газа треба да ги постигнеме двете наши цели, да го уништиме Хамас и да ги вратиме нашите заложници, а ние сме на врвот на ова со сета наша сила. Паралелно со оваа тема, ние ги разгледуваме сите фронтови и тоа значи дека додека се бориме овде во Газа се подготвуваме за сè што може да се случи на север“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Катарската Црвена полумесечина и УНРВА потпишаа договор во вредност од 4,5 милиони долари за помош на повеќе од 4.400 палестински работници и пациенти од Газа кои се наоѓаат на Западниот Брег. Во Тел Авив продолжија протестите со барање за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

„Воениот кабинет мора да ја донесе вистинската одлука и да потпише договор што ќе го извлече нашиот син од пеколот. Нашиот син е војник, во Газа е 11 месеци“, рече демонстрантка.

„Сакам сите заложници да се вратат дома. Ова мора да престане, тие мора да се вратат дома живи“, рече демонстрант.

Претставниците на Арапската лига одржаа итен состанок во Каиро за војната во Газа и хуманитарната криза во регионот. Ги осудија изјавите на премиерот Нетанјаху дека Израел мора да ја задржи контролата на коридорот Филаделфија. Побарано е од меѓународната заедница да дејствува брзо и ефикасно во однос на акциите на Израел врз палестинското население.

„Треба да ги интензивираме и обединиме нашите напори веднаш и без одлагање да ги запреме сите злосторства извршени на палестинската земја“, рече Хусеин Сиди Абдела Дех, постојан претставник на Мавританија во Арапската лига и претседавач на сесијата.

„Јеменската влада ја изразува својата целосна поддршка и солидарност со Арапската Република Египет и го отфрла израелското воено присуство во коридорот Филаделфија и граничниот премин Рафах“, рече Ријад бин Омар Ал-Акбари, постојан претставник на Јемен во Арапската лига и нов претседавач на сесијата.

Египет, заедно со САД и Катар со месеци е посредник во разговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс изјави дека деталите за предлогот за прекин на огнот и ослободување на заложниците ќе бидат презентирани во следните денови.

 

Маријана Димовска