Македонија

Нови правила за влез во ЕУ, системот „ЕТИАС“ во функција од 2025 година

09.09.2024 12:00

Патувањето на македонските државјани од идната година ќе биде покомплицирано. Системот наречен „ЕТИАС“ почнува од средината на наредната година и ќе биде со шестмесечна адаптација. Тој не значи воведување на визи, туку пререгистрација на граѓаните кои сакаат да патуваат во земјите членки на Унијата.

Патувањето во Европската унија од идната година станува покомплицирано. Од април 2025 година почнува постапката за најавување преку „ЕТИАС“ системот за државјаните од земји што не се членки на ЕУ, но имаат безвизен режим. Досега македонските државјани не мораа да имаат виза за патувања во некоја од земјите членки на Унијата, но сега ќе треба да пополнат формулар на интернет за влез на територија на ЕУ, што ќе се наплаќа 7 евра, и доколку им биде одобрен ќе имаат дозвола за влез во Унијата во траење од 90 дена, во рамки на 180-дневен временски период. Еднаш добиената дозвола ќе важи три години.

Системот „ЕТИАС“ на интернет сè уште не е активен. Се очекува да профункционира во ноември кога би требало да почнат да се обработуваат првите барања за дозвола. Процедурите зависно од поединец може да траат неколку часа до еден месец, па затоа сите што имаат намера да патуваат во ЕУ догодина навреме треба да се пријават. Ова важи и за студентите коишто студираат во некоја од земјите членки на Унијата. Не важи за македонските граѓани коишто се жители на конкретната земја во Унијата.

Со новиот систем за регистрација на патници од ноември нема да им треба пасош, туку на самите гранични премини ќе им бидат земани биометриски податоци-отпечаток од прст и фотографија од лицето. Со ова, патниците коишто пристигнуваат во ЕУ нема да можат да го надминат дозволениот престој од 90 дена. Со секое наредно патување во ЕУ, системот „ЕТИАС“ ќе ги има складирано податоците, па времето за процесирање на граничните премини значително ќе се скрати.

Системот „ЕТИАС“ од средината на 2025 ќе има 6-месечен период на адаптација. Патниците коишто нема да имаат добиено дозвола преку интернет ќе бидат пропуштани да влезат, но ќе им биде укажувано треба да го пополнат формуларот. Од јуни 2026 година, на патниците коишто не се пријавиле преку системот нема да им биде дозволен влез во ЕУ.

 

Ирина Гелевска