Малите групни домови под лупа
Сериозни обвинувања од страна на пратеничката од владејачката ВМРО-ДПМНЕ Василевска која од собраниската говорница рече дека има негрижа и можни злоупотреби во малите групни домови, кои ги креираше поранешната влада. МТВ се обиде да дознае за какви злоупотреби станува збор. Меѓаши и правобранителство почнуваат со постапка и бараат одговори од надлежните. Обвинителство молчи. Во МВР досега никој непријавил случај. Но индикативно е тоа што, инспекциските надзори за децата без родителите минатата влада ги правела само еднаш годишно.

Нема злоупотреби на децата од малите групни домови, такви се сознанијата на институциите кои се надлежни за нив. Темата за можни раселувања или проституирање на децата од овие домови ја отвори пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Василевска барајќи отчет од министерките за труд и социјала од екс владата. Поради неформални информации и поединечни случаи кои дошле до неа побара одговор од институциите надлежни за овие деца. За МТВ Василевска го повтори ставот дека самиот факт што домовите и децата биле контролирани еднаш годишно создава сериозни сомнежи.
Народниот правобранител ќе ја испитува состојбата во врска со наводите за евентуални злоупотреби. Велат од таму.
Немало кривични дела за трговија со децата штитеници од малите групни домови. Одговорните лица веднаш пријавуваат доколку исчезне или се оддалечи некое дете од домовите, велат од МВР.
Од „Меѓаши“ преку допис на електронска пошта од 13-ти август годинава го повикале Јавното обвинителство веднаш по изјавата на Василевска да реагира согласно ингеренциите. Го прашавме Јавното обвинителство дали се постапува, но не добивме конкретен одговор.
„Предмет по допрен глас би можел да биде отворен доколку Јавното обвинителство процени дека во конкретен настан има точно утврдени кривично-правни дејствија, а органите надлежни за откривање кривични дела не постапуваат согласно своите надлежности за процесуирање.“ додаваат од Обвинителството
Малите групни домови беа воведени од ексминистерката Царовска, продолжија во мандатот на Тренчевска и сега се во функција.
Фиљана Кока
