САД

Министерката Божиновска утре ќе учествува на Годишната конференција за енергетска безбедност во Вашингтон

09.09.2024 17:12

На конференцијата ќе присуствуваат истакнати лидери и носители на политики за решавање на клучните предизвици во енергетската безбедност, трансатлантската соработка и енергетската иднина на Европа, поддржано од САД.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска утре ќе учествува на деветото издание на Годишната конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа, организирана од Глобалниот енергетски центар на Атлантскиот совет.

Како што соопшти Министерството, на конференцијата ќе присуствуваат истакнати лидери и носители на политики за решавање на клучните предизвици во енергетската безбедност, трансатлантската соработка и енергетската иднина на Европа, поддржано од САД.

Божиновска, на маргините на конференцијата, се очекува да се сретне со државната секретарка за енергетика на САД, Џенифер Гранхолм. Според Министерството, учеството на министер од нашата држава на ваква значајна конференција, го потенцира активниот ангажман во унапредувањето на енергетската безбедност и негувањето на соработката со глобалните партнери.