Трета смртносна офанзива на Израел

11.07.2014 12:21

Бројот на жртвите, пред сѐ палестинци, расте. Не се исклучува израелска копнена офанзива.

Вашингтон е подготвен да посредува за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, соопшти Белата Куќа. Американскиот претседател Обама и израелскиот премиер Нетанјаху телефонски разговарале за кризата .

Обама ги осудил ракетните напади, но повикал на смирување на двете страни.

Премиерот на Израел Нетанјаху им се заблагодари на војниците за прецизните операции.

“Голема благодарност за воените и безбедносните службеници кои напорно работат да ги спречат нападите врз цивилното население. Ги повикувам сите Израелци да бидат силни и натаму“, рече Нетанјаху.

Ескалацијата почна во јуни кога три израелски млади момчиња беа киднапирани и убиени на Западниот брег. Израел го обвинува Хамас, но исламскта организација негира дека стои зад трикратното убиство. Потоа беше убиен Палестинец во источен Ерусалим во знак на одмазда од еврејските екстремисти.

Во изминатите 6 години, Израел изврши три големи напади врз цели во Газа. Бројот на жртвите беше огромен, а и вредноста на материјалната штета. И покрај значителната разлика во силите на војската, палестинските воени формации успеваат да им возвратат на израелците со ракетни напади врз Тел Авив, Ерусалим, Димон и Ашдод.