Изложба

Изложба „На работ“ во Чифте амам

09.09.2024 21:44

Од Националната галерија велат дека „На работ“ е ангажирана контекстуална реакција на општествено-политичкиот галиматијас кој секојдневно го живееме откако сме земја во транзиција...

„На работ“ е трансмедијален и трансдисциплинарен проект на авторите Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ, кој содржи повеќе просторни сегменти од целината, кои од 10 септември (вторник) ќе бидат распределени во предизвикувачкиот амбиент на Чифте амам. Од Националната галерија велат дека „На работ“ е ангажирана контекстуална реакција на општествено-политичкиот галиматијас кој секојдневно го живееме откако сме земја во транзиција. Тој се занимава и со дневнополитички прашања, но на прво место стои социолошкиот аспект, меѓучовечките односи, генетскиот код на „малиот“ или „големиот“ човек, начините на живеење.

Инсталацијата, видеото и вокалниот перформанс „На работ на релативноста“, подвижните слики со социјален експеримент „Антропосфера“, видеото „На работ“, инсталацијата „Последната голтка“, видеоперформансите и објекти „Рекет“ и „На работ на пријателството“ или, пак, комплексната инсталација со видеопроекција „The Revolution will be Televized“ и многуте други сегменти од целокупниот проект ги критикуваат или предизвикуваат општествените норми и структури на моќ, ги истражуваат социјалните идентитети и како тие се конструирани или перципирани, ги вклучуваат заедниците, ја применуваат идејата како форма на социјален коментар или активизам, размислуваат за секојдневниот живот и човечката состојба низ социолошкиот објектив.

Ваквите проекти, кои инкорпорираат социолошки перспективи, изградени со вештините, префинетиот уметнички сензибилитет и духовитост/досетливост во критичноста на авторскиот тандем Наневски – Јовановиќ, побудуваат размисла, предизвикуваат перцепции и поттикнуваат општествени промени“, стои во текстот за изложбата.

Изложбата ќе трае до 27 септември.