Јанкулоска: МВР загуби четворица врвни пилоти
Загубивме четворица искусни колеги кои со своето знаење, професионалност и дух беа пример како се сака и брани Македонија...

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска ги соопшти деталите и идентитетот на загинатите во хеликоптерската несреќа која, според неа, е еден од најцрните и најтешки моменти во историјата на МВР.
Драги Мицев, роден 1969 година во Струмица, началник-пилот на хеликоптерската единица на МВР со работен стаж од 34 години, Маријан Трајковиќ (1967), пилот-капетан со работен стаж од 37 години, Тоде Орешков (1970), воздухопловен инспектор за лиценцирање на воздухопловен персонал, пилот со работен стаж од 36 години и Иљо Лопатички (1968), командир-пилот со работен стаж од 36 години се загинатите од синоќешната хеликоптерска несреќа што се случи во близина на Струмица.
Јанкуловска рече дека сите четворица биле врвот на хеликоптерската единица и најдобриот персонал на МВР.
„Тие беа и ќе останат пример како се сака својата земја и како се работи во полза на граѓаните. Тие беа врвот на хеликоптерската единица и најдобриот персонал кој МВР го имаше. Беа искусни и со безброј часови лет во различни услови и во различни акции“, рече Јанкулоска.
Таа информираше дека до несреќата дошло кога за време на ноќен тренажен лет, хеликоптерот удрил во антенски столб на Македонската радиодифузија висок 120 метри. Според неа, хеликоптерот бил редовно сервисиран и во текот на летот во кој е користена опрема за ноќна визуелизација немало поплаки за некакви проблеми. Во моментов се истражува дали антенскиот столб во којшто удрил хеликоптерот бил соодветно обележан.
„Станува збор за хеликоптер МИ17-V5, со регистарски ознаки МАР 7712 во сопственост на МВР на Република Македонија. Хеликоптерот летал на релација Скопје – Кавадарци – Валандово – Струмица – Берово – Делчево и обратно. Тој е редовно сервисиран и во текот на летот во кој е користена опрема за ноќна визуелизација не се пожалиле на проблеми“, изјави Јанкулоска.
Веднаш по несреќата е формирана Комисија за спроведување истрага со цел утврдување на причините за несреќата, а Основен јавен обвинител од Струмица го спроведува увидот на лице место.
