Култура

Познати финалистите за годишните награди на ДПМ

10.09.2024 09:03

Од ДПМ информираат дека годинава нема да биде доделена наградата „Мост“ бидејќи на конкурсот се пријавиле две книги, а согласно Деловникот, потребни е да се пријават најмалку три дела за која било од наградите да биде конституирана жири-комисија и да биде избран победник.

Друштвото на писатели на Македонија денеска ги соопшти финалистите за традиционалните награди за 2023 година што ќе бидат доделени на 18-ti септември.

За најдобро прозно дело во полуфиналето биле избрани седум книги од кои во финалето влезени се романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски (издание на „Матица“); романот „Заборав“ на Томислав Османли (издание на „ВиГ Зеница“); и  збирката раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ (издание на „Или-или“).

Во полуфиналниот круг за најдобра поетска збирка биле избрани шест дела од кои финалисти се „Коњски житија“ од Зоран Анчевски („Арс ламина“), „За сите времиња“ од Братислав Ташковски („ПНВ публикации“) и „На врв на јазикот“ од Катица Ќулавкова („Арс ламина“).

За најдобра книга за деца и млади биле пријавени шест дела, а поради малиот број конкуренти, вториот круг бил воедно и финален круг и во него се влезени „На крилјата на самовилското коњче“ од Александра Велинова („Едука Мак“), „Рокчето“ од Никола Маџиров („Арс Ламина“) и „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана Црвенковска („Чудна шума“).

За наградата за најдобра книга критика и есеистика биле избрани пет дела, а поради изедначениот број бодови финалистите се четворица: „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски („Матица“), „Птици во аквариум“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ (издание на „Полица“), „Живот во ролни“ од Горан Тренчовски (самиздат) и „Два опита (Конески и Старделов)“ од Ивица Џепароски (Филозофски факултет).

Од ДПМ информираат дека годинава нема да биде доделена наградата „Мост“ бидејќи на конкурсот се пријавиле две книги, а согласно Деловникот, потребни е да се пријават најмалку три дела за која било од наградите да биде конституирана жири-комисија и да биде избран победник.

Во согласност со Деловникот за работа на жири-комисиите за доделување на годишните награди на ДПМ, секој од членовите на жири-комисиите до УО на ДПМ доставува бодовник, при што се гласа за пет наслови, со 5, 4, 3, 2 и 1 бод. На крај, верификациска комисија од Управниот одбор го пресметува збирот на бодови и го утврдува списокот на финалисти.