Руско-украински конфликт

Интензивираа нападите меѓу Русија и Украина

10.09.2024 09:22

Продолжуваат меѓусебните руско-украински напади. Ноќеска биле пресретнати и уништени 144 украински беспилотни летала, што биле лансирани во девет руски региони. Нема оптимизам дека наскоро е можен договор за прекин на војната...

Русија ги интензивираше ракетните и беспилотните напади врз украинските градови во последните неколку недели. Украина возвраќа. Руското Министерство за одбрана тврди дека собориле 144 украински дронови над Москва и други девет региони, што се смета за еден од најголемите напади од почетокот на војната. Претседателот Зеленски повика на брза акција за ветувањата дадени на состанокот со сојузниците во воздухопловната база „Рамштајн“ во Германија, изминатата недела.

„Министерот за одбрана на Украина даде извештај за исходот од состанокот „Рамштајн“ и преговорите со партнерите. Сите постигнати договори мора да се спроведат што е можно побрзо. Се што е потребно во септември мора да биде доставено до нашите војници во септември“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Шојгу вели дека нема да има разговори со Киев додека украинските сили не ја напуштат Русија. Шефот на руското МНР пак тврди дека се подготвени да разговараат за можната локација за средба откако првин ќе се откријат деталите за што ќе се разговара.

„Не се работи за тоа каде да се сретнеме и во кој круг, туку за тоа што ќе разговараме. Териториите – проблемот е во правата на луѓето кои се погазени со закон, а кои ниту една од иницијативите што лебдат во политичкиот простор не ги спомнува“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Од ООН нема оптимистички тонови за прекин на крвопролевањето. Според Генералниот секретар Гутереш, нема изгледи за преговори во блиска иднина.

„Мислам дека ситуацијата во Украина е заглавена и не гледам прекин на огнот во блиска иднина. Обединетите Нации никогаш не беа вклучени во воспоставување мировни преговори со двете страни кои. Двете страни, не беа заинтересирани. И веројатно е прерано да се мисли дека е можно да има сериозни мировни преговори“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации.

Германскиот канцелар Шолц викендов повика на обновување на напорите за постигнување мир во Украина и потребата од одржување нова мировна конференција на која ќе учествува и Русија. Мировни планови предложија претходно и Кина и Турција, а на глобалниот мировен самит за Украина, кој во јуни се одржа во Швајцарија, учествуваа делегации од 92 земји, но не и Русија.

 

 

Маријана Димовска