САД

Вечерва 90-минутен дуел меѓу Харис и Трамп

10.09.2024 12:05

Денеска е најважниот момент од претседателската кампања во САД – дебатата меѓу Харис и Трамп. Се е подготвено за 90-минутното политичко шоу во кое главни актери се американските претседателски кандидати. Домаќин на дебатата е Еј-Би-Си Њуз во Филаделфија – најголемиот град во државата Пенсилванија која се смета како клучна за исходот од претстојните претседателски избори во САД...

Се е подготвено за 90-минутното политичко шоу во кое главни актери се американските претседателски кандидати. Камала Харис, кандидатка на демократите, како поранешна обвинителка важи за вешта во дебатите, но републиканскиот кандидат Доналд Трамп, бизнисмен и шоумен во изминатите години се покажа како жилав противник.

„Со нетрпение ја очекувам дебатата. Мислам дека ова ќе биде како добар терен и за двајцата кандидати и можеме да видиме што навистина имаат да кажат“.

„Многу се радувам на дебатата. Ова е најнеобичната изборна претсезона што сум ја видел. Мислам дека ова ќе бидат историски избори“.

Во моментов анкетите покажуваат мртва трка меѓу Харис и Трамп, па денешната дебата многумина ја сметаат за клучна која ќе го одреди правецот на изборите. Се очекува во ТВ-дебатата двајцата претседателски кандидати да дискутираат за војните во светот, надворешната политика, домашната економија, миграцијата, контролата на оружјето. Пред соочувањето, опонентите ја засилија реториката. Харис обвинува за опасност од загрозување на демократијата, Трамп најавува кривични гонења.

„Ова може да биде најголемата пресметка што Филаделфија ја имала од филмовите „Роки“. Влогот е голем и за двајцата кандидати кој се во тесна трка“, рече Џош Бок – „Асошијетед прес“.

Домаќин на дебатата е Еј-Би-Си Њуз во Филаделфија – најголемиот град во државата Пенсилванија која се смета како клучна за исходот од претстојните претседателски избори во САД. Државата е политички поделена, а има значителен број електронски гласови кои можат да бидат битни за разврската од изборите.

 

Маја Стојанова