Воен конфликт

Продолжува руско-украинскиот конфликт, од ООН велат дека нема можност за преговори во блиска иднина

10.09.2024 12:19

Украина ја нападна Русија со 144 дрона, загина жена. Оштетени се станбени згради. Суспендирани се летовите на клучните аеродроми во Москва. Во последните неколку недели и Русија ги интензивираше ракетните и беспилотните напади врз украинските градови...

Украина ја нападна Русија со 144 беспилотни летала. Погодени згради во Москва и западниот дел на земјата. Жителите од оштетените објекти се евакуирани во центри за привремено сместување.

„Почина жена родена во 1978 година, а две лица се во тешка состојба. За времетраењето на закрепнувањето ќе се обезбеди сè што е потребно“, изјави Андреј Воробјов, гувернер на рускиот регион Москва.

Во последните неколку недели и Русија ги интензивираше ракетните и беспилотните напади врз украинските градови. Претседателот Зеленски повика на брза акција за ветувањата дадени на состанокот со сојузниците во „Рамштајн“, Германија.

„Министерот за одбрана на Украина даде извештај за исходот од состанокот „Рамштајн“ и преговорите со партнерите. Сите постигнати договори мора да се спроведат што е можно побрзо. Се што е потребно во септември мора да биде доставено до нашите војници во септември“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Шојгу, дециден, нема да има разговори со Киев додека украинските сили не ја напуштат Курската Област. Од руското МНР велат дека сите преговори мора да се фокусираат на народните права, а не на територијални прашања.

„Не се работи за тоа каде да се сретнеме и во кој круг, туку за тоа што ќе разговараме. Териториите – проблемот е во правата на луѓето кои се погазени со закон, а кои ниту една од иницијативите што лебдат во политичкиот простор не ги спомнува“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Од ООН велат дека нема можност за преговори во блиска иднина.

„Мислам дека ситуацијата во Украина е заглавена и не гледам прекин на огнот во блиска иднина. Обединетите нации никогаш не беа вклучени во воспоставување мировни преговори со двете страни. Двете страни не беа заинтересирани. И веројатно е прерано да се мисли дека е можно да има сериозни мировни преговори“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации.

До 16-ти септември Русија ги спроведува вежбите „Океан-2024“, во водите на Тихиот и Арктичкиот Океан, Медитеранот, Каспиското и Балтичкото Море. Министерството за одбрана на Кина најави дека овој месец ќе одржи заеднички воени вежби со Русија, без да го прецизира датумот.

 

Маријана Димовска