Култура

Врвни солисти и диригенти во роденденската сезона на Македонската филхармонија

10.09.2024 12:51

Во концертната сезона 2024/2025 во која Македонската филхармонија ќе го прослави својот 80-ти роденден, како најстара културна институција во земјата, публиката ќе има можност да проследи разновидна и внимателно одбрана програма, солисти и диригенти.

Во концертната сезона 2024/2025 во која Македонската филхармонија ќе го прослави својот 80-ти роденден, како најстара културна институција во земјата, публиката ќе има можност да проследи разновидна и внимателно одбрана програма, солисти и диригенти.

Новата сезона е насловена „Одисеја“, а симболиката на насловот се надоврзува на осумдесетте години активно музицирање на оркестарот и преку поднасловот – патување исполнето со музички авантури и предизвици.

Сезоната на Филхармонија започнува на 10-ти октомври со концертот насловен „Го славиме Јубилејот“ на кој како солист ќе настапи нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф – диригентот Јерухам Шаровски од Израел. На програмата е и премиерна изведба на делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар од Ерих Корнголд и Симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски. Премиерно, на овој концерт ќе се изведе и дело од македонски автор кое ќе биде избрано на конкурсот за нарачка на композиции кој Македонската филхармоија го објави во мај оваа година.

На роденденскиот концерт на 28-ми ноември, насловен „80 години – Љубов“ како солист ќе настапи исклучителниот македонски пијанист Симон Трпчески, а диригент е Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се премиерна увертира од македонски композитор, Концертот за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ, Симфонијата бр. 1 „Титан“ од Густав Малер.

-На сцената, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија во новата роденденска сезона ќе продефилираат уникатни индивидуалци како пијанистите Лука Дебарг и Петер Лаул, извонредниот виолинист Сергеј Малов кој воедно ќе се претстави како солист и диригент на концертот на 7 ноември; Роберт Бонфиљо – усна хармоника (САД), виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, виолинистката Алена Баева-Казахстан/Луксембург. На пултот пред нашиот оркестар за првпат ќе застане маестра Бар Авни од Израел, инаку лауреатка на престижниот натпревар „Маестра“ во Париз и асистентка на славната диригентка Барабара Ханиган, како и маестро Конрад Ван Алфен од Холандија, нашиот диригент Борјан Цанев, маестро Лубнан Баалбаки од Либан и Емил Табаков од Бугарија – вели Александар Котевски, в.д. директор на Филхармонија.

Целосната програма на концертната сезона „Одисеја“ до јуни 2025 година наскоро ќе биде објавена и во каталог и на веб-страница на Филхармонија за публиката да може подобро да се запознае со настаните кои се составена дел од јубилејната сезона.