Неажурниот систем главоболка за родилките
Законот за бездржавјанство сè уште не се спроведува добро. Поради неажурност на институциите страдаат дури и пациенти. Таков е случајот на Севдије, родилка која остана едно деноноќие повеќе во болница Чаир, бидејќи немала здравствена книшка, па и барале да плати 23.000 денари за да ја пуштат дома. Иако неодамна се венчала со македонски државјанин и добила лична карта за странци по што уредно побарала здравствено осигурување, сепак за сестрата на шалтерот таа е само фантом. Соочено со проблемот нејзиното семејство ја повикало на помош здравствената менторка Шиковска. После нејзината интервенција, Севдије замина дома. Но Шиковска ги повика гинеколошките клиники да имаат разбирање оти не е решение таа постојано да биде повикувана...

Сестрата на шалтерот ја нарече фантом, Седвије која после 12 години без државјанство, од неодамна е венчана сопруга на македонски државјанин, со уредна лична карта за странци и во процедура за добивање здравствена книшка. Се породи, донесе на свет здраво машко дете, ама од болницата не сакале да ја пуштат додека не плати 23.000 денари. Нејзините свекор и сопруг инсистирале да ја пуштат, но бадијала.
Не е решение, вели Шиковска, да асистира постојано на повик на семејствата. Активистката за човекови права и здравствен медијатор вели МВР, Управата за матични книги и социјалните центри и покрај напорите треба да се поажурни. Системот мора да функционира, законот е донесен во 2023 година и независно дали се работи за бездржавјанство, за друга категорија која е во постапка за потребната документација институциите не смеат да ги сопираат процесите. За жал ова, вели не е првпат во ГАК Чаир, но се надева ќе биде последен.
МТВ ја праша директорката, Изаири зошто Севдије со бебето не е пуштена дома. во писмениот одговор Изаири наведува дека проблемот бил надминат.
„Процедурално се остава кауција доколку пациент нема осигурување, така што истата не оставила и не донела документ дека е во процедура за регулирање, а сепак е пуштена и не ѝ е наплатено“, стои во писмениот одговор на Изаири.
После интервенцијата на медијаторот, по сите перипетии Севдије среќна ја напушти болницата.
Шиковска ги повика гинеколошките болници во главниот град да имаат разбирање и да не бараат пари за породување бидејќи тоа се сепак наши државјанки.
Фиљана Кока
