Истрага и предлог притвор против седум лица осомничени за случајот „Кипер“
Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, предметниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест македонски и еден српски државјанин...

Денешната координирана полициска операција со кодно име „Кипер“ беше спроведена под раководство на предметен јавен обвинител, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе во содејство со Одделот за специјални и посебни операции. Акцијата е резултат на предистражна постапка што се спроведуваше од месец септември 2023 година до месец јуни годинава. Во постапката е опфатена седумчлена организирана криминална група, која делуваше на територијата на државата со цел извршување на кривични дела поврзани со организирање на група за извршување на кривични дела криумчарење мигранти.
Денеска беа извршени претреси на пет локации на подрачјето на Штип, Злетово, Пробиштип и Велес. Лишени од слобода се пет лица. При извршените претреси пронајдени и одземени се: патничко моторно возило, прашкаста материја, вага и мобилни телефонски апарати што лицата ги користеле за извршување на кривичното дело.
Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, предметниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест македонски и еден српски државјанин. Постои основано сомнение дека првоосомничениот како организатор на криминалната група е сторител на кривичните дела „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ од член 418-в и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б, петмина од останатите сомничени се товарат дека се сторители на истите кривични дела како членови на групата, додека на седмоосомничениот му се става на товар дека помагал во извршување на кривичното дело „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“.
