Очевидци за хеликоптерската несреќа: Голема експлозија не вознемири во ноќта
Полициско обезбедување, увидни екипи на терен. И по дванаесет часа од големата хеликоптерска несреќа што се случи во близина на кванташкиот пазар во Струмица, а во која животот го загубија четворица пилоти на воздухопловната единица на МВР, се собираат физичките докази расфрлани на стотина метри од целосно изгорениот труп на хеликоптерот МИ-17.

Увидот на надлежните сеуште трае, се гледаат расфрланите делови на хеликоптерот коишто синоќе околу10 часот падна во непосредба близина на Струмица.
Жителите раскажуваат за сериозниот удар и големата експлозија која ги вознемири синоќа во ноќта. Пред падот, претходело неколкуминутно летање во круг, по што, според очевидците, хеликоптерот паднал и се срушил, најверојатно удирајќи во антената висока 120 метри на радиодифузија.
„Седевме во дворот, наеднаш слушнавме страшна бучава, а не се гледаше ништо. После за кратко време видовме дека пристигнува хеликоптер, и наеднаш како што бучеше силно се одели опашката, која летна на една страна а трупот остана на друга страна, односно трупот падна. После тоа наеднаш се создаде многу голем пламен“, вели жена, очевидец на несреќата.
„Децата ги смирував, се уплашија. Ние живееме на 50 метри од местото на случаката,“ вели уште еден очевидец.
Противпожарните возила први излегоа на местото на несреќата. По локализирањето на пожарот, струмичките пожарникари помагале и за вршење на истрагата.
„Интервенирано е доста брзо со поставување на две линии, со 12 илјади литри на вода, едно навално и едно пратечко возило со екипаж од 8 пожарникари. Поради спецификата на пожарот, бидејќи има високо запалива материја интервенирано е со мешавина на пена и вода, и пожарот набрзо е загушен“ вели Мијалче Крстев, командир на струмичката противпожарна единица.
Хеликоптерот на македонската полиција вршел редовен тренажен лет. Истрагата, и дополнителните експертизи и вештачења треба да ги откријат причините за оваа трагедија.
Катерина Давчева
