Влада

Секој граѓанин заслужува пристап до лековите што му се потребни, порачаа Мицкоски и Таравари

11.09.2024 10:59

Мора јасно и транспарентно да се посочат предизвиците со кои се соочуваат институциите, а следниот клучен чекор е оптимизирање на финансирањето за проширување на позитивната листа- истакнаа Мицкоски и Таравари во обраќањата на дискусијата во Владата...

Секој граѓанин заслужува пристап до лековите што му се потребни за квалитетен живот, порачаа денеска премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари.

Мора јасно и транспарентно да се посочат предизвиците со кои се соочуваат институциите, а следниот клучен чекор е оптимизирање на финансирањето за проширување на позитивната листа-истакнаа Мицкоски и Таравари во обраќањата на дискусијата насловена „Предизвици и можности во процесот на проширување на листата на лекови кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување“.

„Приоритет е да се обезбеди секој граѓанин да има пристап до лековите што му се потребни без да се соочи со финансиски тешкотии. Наша должност да ги заштитиме граѓаните и да му служиме на нашиот народ. За да ги надминеме постоечките предизвици и да ја постигнеме посакуваната мисија, мораме неуморно да работиме. Мораме да ја зајакнеме соработката на сите институции од Владата и да ги вклучиме сите релевантни партнери“, нагласи премиерот Мицкоски.

„Следен чекор е да се испитаат можностите за оптимизирање на финансирањето како гаранција дека позитивната листа редовно ќе се ревидира и ажурира, во чекор со потребите на нашите луѓе како и со напредување на технологијата во делот на лековите“, нагласи министерот за здравство, Арбен Таравари.

Според Таравари, Владата вети дека ќе го подобри пристапот до квалитетни лекови и тоа го реализира. Целта е да се обезбедат колективни напори кои ќе доведат до трајни подобрувања на здравјето и благосостојбата на секој граѓанин.