Блинкен и Лами на средба со Зеленски во Киев
Американскиот државен секретар Блинкен и шефот на британската дипломатија Лами отпатуваа во Киев на средба со украинскиот претседател Зеленски. Во фокусот на разговорите – долгорочен напредок на Украина на воен и економски план и континуираната поддршка за одбрана од руската агресија...

Долгорочен напредок на Украина на воен и економски план и континуираната поддршка за одбрана од руската агресија во фокусот на разговорите меѓу американскиот државен секретар Блинкен и шефот на британската дипломатија Лами. Двајцата со воз отпатуваа во Kиев на средба со Зеленски. Блинкен и Лами се согласија за потребата заеднички да се справат со влијанието на Иран на Блискиот Исток, но и во Украина по испораката на оружје за Русија.
„САД ќе објават дополнителни санкции за Иран, вклучително и мерки за иранската авиокомпанија. Очекуваме сојузниците и партнерите да објават свои санкции за Иран. Новиот ирански претседател и министер за надворешни рекоа дека сакаат да го обноват ангажманот со Европа, да добијат олеснување на санкциите, но со нивното однесување го постигнаа спротивното“, изјави Ентони Блинкен – државен секретар на САД.
„Ние сме целосно усогласени со потребата да се справиме со малигните активности на Иран во регионот и пошироко“, изјави Дејвид Лами – министер за надворешни работи на Велика Британија.
Од Техеран коментираат дека е жално што некои страни кои и самите се вклучени во војната, упатуваат обвинувања против Иран, само поради политички цели. Се заканија дека ќе одговорат на новите санкции наметнати од Велика Британија, Германија и Франција.
„Оваа акција на трите европски земји е продолжување на непријателската политика на Западот и економскиот тероризам против народот на Иран и ќе се соочат со соодветна и пропорционална акција од исламската република Иран“, изјави Насер Канани – министер за надворешни работи на Иран.
Вашингтон тврди дека Иран и доставувал балистички ракети на Русија и дека се очекува тие наскоро да бидат употребени на бојното поле во Украина.
Маја Стојанова
