Вербални судири на дебата меѓу Харис и Трамп
Економијата, абортусот и имиграцијата беа главните теми на првата телевизиска дебата меѓу Камала Харис и Доналд Трамп, кандидатите за демократската и на републиканската партија за претседател на САД. По објавените анкети, поранешниот претседател доминираше во делот на подобрувањето на економијата, актуелната потпретседателка во унапредувањето на севкупното живеење на Американците. Навредите не изостанаа при двочасовната дебата, Трамп ја нарече Харис-марксист, таа му возврати за грабежот на изборите и дека е диктатор…
Политичко соочување со вербални судири кои излегуваат од рамките на вообичаената реторика на американските политичари. Првите анкети на американската телевизиска мрежа покажуваат-во двочасовната дебата Камала Харис предизвикала целосна дефанзива на ривалот. Според Доналд Трамп, Харис веќе бара втор дуел откако не се покажала на првиот. Навредите меѓу кандидатите не изостанаа, Трамп ќе биде диктатор од првиот ден на мандатот, Карис е следбеник на марксизмот, вели Трамп.
„Трамп погрешно ја водеше надворешната и безбедносната политика. Тој се воодушевува на диктаторите, сака и самиот да стане уште од првиот ден. Кога Путин ја нападна Украина, рече дека тоа било брилијантно. Трамп размени и љубовни писма со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун. Нашите воени лидери ми рекоа дека тој е срам за Америка“, рече Камала Харис-кандидат за претседател на САД.
„Сакав да ѝ подарам на Харис капа со мојата кампања ’Америка повторно голема‘. Но, ако ја изберат таа ќе го смени тоа, бидејќи е марксист. Нејзиниот татко е марксистички професор по економија, сега знаете зошто 21 милион Американци, можеби и повеќе, живеат во сиромаштија. Тоа е повеќе од американската држава Њујорк“, возврати Доналд Трамп-кандидат за претседател на САД.
Според Трамп, мигрантите кои ги опседнуваат американските граници се криминалци, за што Харис не направила ништо, иако е потпретседателка веќе три и пол години. Харис возврати, Трамп наводно посакува решение на проблемите, но уште повеќе да раководи со нив. Ги забрани законите за абортусот, ги поддржа нападите врз „Капитол хил“. Првата дебата оценета за успешна од обајцата.
„Мислам дека ова беше мојата најдобра дебата, мислам … Сум имал навистина добри дебати. Но, ова беше мојата најдобра досега“, изјави Трамп.
„Мислам дека денот помина добро. Исклучително добро. Имаме уште 56 дена до изборите, сè уште се натпреваруваме во трката, тесна е разликата. Мораме и ќе ја освоиме Пенсилванија“, нагласи Харис.
Гласачите поделени најмногу според партиската припадност. Демократот Кенеди од познатото американско семејство, кој го поддржува Трамп, вели дека бил премногу изложен на проверка на фактите од водителите. Мегаѕвездата Тејлор Свифт, омилена меѓу младината, отворено застана зад Харис.
Кремљ коментира: кандидатите се расправаат, а се на бродот Титаник што секој момент може да удри во сантата мраз. Независно кој е во Белата куќа, нема да се смени многу, оцени Пекинг.
Зоран Богатинов
