Мицкоски: Нашите позиции се јасни, земјава сака да разговара, но потребни се гаранции
Скопје чека во Софија да се формира политичка влада за да види дали Бугарија е подготвена за дијалог. Премиерот Мицкоски на 19-ти месецов во Брисел ќе го претстави владиниот предлог за евроинтеграциите. Земјава бара јасни гаранции дека ќе нема нови блокади. Додека се чека на нашиот источен сосед, нашата страна направи промена во кадровскиот состав на историската комисија.

Премиерот Мицкоски потврди дека на затворена седница, Владата направила промена во кадровскиот состав на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Иако во јавноста се појавија и имиња на историчарите кои ќе бидат дел од Комисијата што треба да ја предводи професорот Ванчо Ѓорѓиев, шефот на Владата не ги потврди имињата зашто тоа било класифициран податок.
Кадровските промени доаѓаат по јавните забелешки на премиерот Мицкоски за работата на Комисијата, предводена од Драги Георгиев од македонска страна, која, според него, не ги заштитила националните интереси на македонскиот народ.
Премиерот Мицкоски сега чека во Софија да биде формирана политичка Влада за, како што рече, да се види дали таму постои желба за дијалог. Тој вели дека македонските позиции се јасни и оти земјава сака да разговара, но и оти е потребно да добие јасни гаранции. Мицкоски веќе најави дека на 19-ти септември во Брисел ќе го презентира владиниот предлог за откочување на процесот на евроинтеграција на Македонија.
Премиерот смета дека Брисел треба да покаже политичка волја за решавање на предизвиците што ја засегаат Македонија.
Игор Панов
