Македонија

Мицкоски: Потребни се промени во Законот за полиција

11.09.2024 14:50

Не треба да се игра на етничка карта, ова се изолирани инциденти, потребни се промени во Законот за полиција, за да се спречат ваквите појави понатаму, вели премиерот Мицкоски по случувањата во дворот на црквата Света Петка во Галате. Апелира граѓаните да не наседнуваат на вакви провокации. Со вакви инциденти, како со црквата во Галате се подгреваат меѓуетничките тензии, предупредува пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Граѓаните да не наседнуваат на провокации, ова е дел од фолклорот за сеење етничка и верска нетрпеливост, став на премиерот Христијан Мицкоски за настанот со црквата во село Галате. Мицкоски додава дека и локалните жители и владиката се оградија од инцидентот, а како што рече, корумпираните политички елити од минатото и натаму ќе се обидуваат да создаваат етнички конфликти и тензии.

На Македонија не и требаат меѓуетнички инциденти, став на ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Вели – не треба да си играме со правото на вероисповед, а проблемите да се решаваат институционално. Спасовски го осудува апсењето на граѓаните во зградата на општина Врапчиште.

Инцидентот во Галате се случи откако прво жителите кои почнаа со реставрација на црквата „Света Петка“, по налог на градежниот инспекторат, беа оневозможени да продолжат со градежните работи. Потоа следеше мирен протест пред општината и обид за средба со градоначалникот Исен Шабани, кој прифатил средба, под услов разговорот да не се снима со мобилен телефон. Откако жителите одбиле, Исен побарал да го напуштат објектот, што било одбиено, по што побарал асистенција од полицијата, која приведе двајца локални жители.

 

Марија Котовска