Образование

Јаневска: Поради масовното иселување, се јавуваат и вишок наставници

11.09.2024 14:56

Поради масовното иселување, се јавуваат и вишок наставници, за да останат во образовниот процес, ќе им се понуди да работат во институции каде што недостига кадар, најави министерката Јаневска. Се најавува и спојување паралелки за децата да имаат подобра социјализација, но и за да се заштедат ресурси...

Сите училишта кои имаат помалку од 10 ученици да се приклучат кон централните, на тој начин децата ќе имаат подобра социјализација, ќе се подобри нивното знаење, а ќе се заштедат и ресурси – проект за оптимизација на училиштата, најавуваат од ресорот. Поради масовното иселување од државата, се јавува и вишок на наставници, за да останат во образовниот процес, стратегијата е едносменска и целодневна настава – вели министерката Јаневска.

„Кога ќе се направат паралелки со 20 ученици, наставникот што е вишок ќе продолжи да работи, во втората половина од денот според програмата на училиштето. Тоа опфаќа многу дополнителни предмети, изборни, воннаставни активности, други наставни активности, работа со деца што имаат потешкотии со учењето, работа со талентирани деца, дополнителна настава, општествено корисни работи. Идејата е дека целиот фонд на наставници треба да го искористиме за учениците да стекнуваат подобри знаења“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

На вишокот наставници ќе им се понуди да работат во институции каде што недостига кадар, како Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Центарот за средно стручно образование.

Со помош на УНИЦЕФ и Светска Банка направена е оптимизација на 10 општини, во следниот период опфатени ќе бидат уште 20.

„Со заедничко работење можеме да обезбедиме секое дете, без разлика каде живее дали во урбана средина и оди во големо училиште или во училиште со неколку ученици, да има исти можности за квалитетно образование“, изјави Лесли Милер-претставничка на УНИЦЕФ.

„Во одредени простори ни требаат дополнителни училишта дополнителни ресурси, проширување на капацитетите и секако постигнување на стандардот за едносменско работење, што ќе придонесе да ги подобриме условите“, изјави Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ.

Целта е преку проектот да имаме ученици со соодветно знаење на истата возраст како децата од Европската унија.

 

 

Андријана Ѓурческа