Собрание

На собраниската седница по скратена постапка Законот за локална самоуправа

11.09.2024 15:04

Измените на Законот за локална самоуправа ќе се носат по скратена постапка. Мнозинството пратеници даде виза да почне постапката, а за да се изгласаат потребно е двотретинско мнозинство и Бадентер. СДСМ против, од ДУИ засега без конкретен став. Измените треба да овозможат да нема предвремени локални избори во трите општини, од каде градоначалниците беа избрани за министри и за пратеници, ако има помалку од 12 месеци.

Со законските измени за локалната самоуправа се предлага вршителот на должност градоначалник во општините, каде што по сила на закон им престанал мандатот на избраните градоначалници да можат да ја извршуваат функцијата до изборот на нов прв човек на локалната самоуправа.

По парламентарните избори и изборот за министри и пратеници, ве-де градоначалници има во Аеродром, Гостивар и во Сарај. Со 69 гласа „за“ и 17 „против“, измените одат по скратена постапка, а за да се изгласаат потребно е двотретинско мнозинство и Бадентер. Измените треба да овозможат да нема предвремени локални избори во трите општини, ако има помалку од 12 месеци, појасни координаторот на ВМРО-ДПМНЕ и еден од тројцата предлагачи.

СДСМ и коалицијата против измените бидејќи, како што велат, неприфатливо е со закон да се скратува правото на глас на граѓаните на непосредни избори. Координаторот на социјалдемократите, Спасовски, вели дека ставот го граделе самостојно и дека во Собранието функционира неформална коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за да помине законот.

Од Европскиот фронт воопшто не гласаа. За МТВ, Блерим Беџети кратко рече дека секој пратеник одлуката ја носи самостојно. Деновиве нивниот партнер „Алијанса за Албанците“, крилото на Села, се изјасни дека е против измени во Законот за локална самоуправа.

 

Милчо Велески