Работна средба на претседателот на Уставниот суд и соработници на Федералниот суд на СР Германија
Претседателот Костадиновски ги информираше за приоритетите во неговиот мандат, со акцент на потребата од донесување на двотретински закон за Уставен суд, со што ќе се овозможи поголема самостојност и независност на Судот, воведување на уставна тужба и поголема транспарентност.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева денеска остварија работна средба со експерти-соработници на Федералниот Уставен суд на СР Германија.
Во фокус на средбата беа темите за надлежностите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, актуелностите поврзани со работењето на Судот, како и новите одредби од Актот со кои се интервенира во начинот на работењето и обраќањето до Уставниот суд. Претставниците од СР Германија покажаа интерес за начинот на којшто се избираат уставни судии, за водењето на постапките и процедурата на решавање на предметите.
Беа разменети искуства од богатата уставно-судска пракса на Судот во СР Германија за заштитата на човековите права и правните механизми, како што е уставната тужба.
Претседателот Костадиновски ги информираше за приоритетите во неговиот мандат, со акцент на потребата од донесување на двотретински закон за Уставен суд, со што ќе се овозможи поголема самостојност и независност на Судот, воведување на уставна тужба и поголема транспарентност. Костадиновски ја истакна досегашната успешна соработка со реализираните проекти преку германската амбасада во земјава и меѓународните организации предводени од германски експерти.
Делегацијата од СР Германија е во состав од 25 судии, обвинители, проценители, советници кои се ангажирани како надворешни соработници на Федералниот Уставен суд, меѓу нив и ценетиот експерт за владеење на правото, Рајнхард Прибе.
