Се вжештува состојбата на фронтот
САД и Велика Британија ветија дополнителна помош за Украина од речиси 1,5 милијарди долари. На состанокот во Киев истакната поддршката на Украинците пред претстојната зима. Дискусијата за употреба на западното оружје со долг дострел длабоко на руска територија продолжува. Конечниот збор ќе го има американскиот претседател Бајден. На фронтот продолжуваат битките, Киев и Москва со извештаи за уништена воена опрема и оружје...

Русија и Украина објавија извештаи за уништени воени возила, летала и опрема во текот на битките во Доњацк и операциите во Црно Море. Нови напади регистрирани и врз населени места и цивилна инфраструктура. Има повредени. И додека состојбата на фронтот се вжештува, САД и Велика Британија ветија дополнителна помош за Украина од речиси 1,5 милијарди долари. Вашингтон му дава на Киев 700 милиони долари, Лондон пак, 600 милиони фунти.
„Остануваме целосно посветени на победата на Украина, не само да се осигураме дека може да се брани, туку да може да застане на свои нозе силно, воено, економски, демократски. Да го обезбеди патот што го избра украинскиот народ кон поголема интеграција во евроатлантската заедница, вклучително и Европската Унија и НАТО“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Од британското МНР велат дека помошта за Украина не е само за претстојната зима, туку станува збор за 100-годишно партнерство. Изразена загриженост за поддршката што ја ужива Русија од страна на Иран, Кина и Северна Кореја.
„Сега можам да објавам дека ќе испратиме и стотици дополнителни проектили за артилериска муниција и повеќе оклопни возила до крајот на годината. Не е во прашање само слободата на Украина, туку безбедноста на Европа и безбедноста на Западот“, изјави Дејвид Лами, државен секретар за надворешни работи на Обединетото Кралство.
Украинскиот претседател Зеленски беше домаќин на меѓународниот самит за Крим во Украина. Властите во Киев повторно побараа од западните сојузници да им дозволат да целат подлабоко на руска територија со проектили набавени од нив. Барањето сега ќе се разгледува во Вашингтон.
„Укинувањето на ограничувањата на употреба на оружје со долг дострел е важно во контекст на извештаите за можното пренесување балистички ракети во Русија од страна на Иран. Непријателите на слободниот свет не се сомневаат. Тие дејствуваат и создаваат неприфатливи закани за цела Европа“, изјави Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина.
Американскиот претседател Бајден и дозволи на Украина да истрела проектили обезбедени од САД преку границата кон Русија во самоодбрана, но во голема мера го ограничи растојанието поради загриженоста за понатамошна ескалација на конфликтот.
Маријана Димовска
