Поранешни членови на историската комисија контра премиерот, Мицкоски најави вклучување на истражните органи
По промените во составот на македонскиот тим во експертската комисија за историски прашања со Бугарија, отворено писмо со незадоволства од страна на поранешните членови. Велат се злоупотребувала за политички и партиски цели во двете земји. Премиерот вели, ќе се испитува каде се потрошени стотици илјади евра народни пари…

Премиерот Мицкоски вели дека нема ништо против од вклучување на експерти од ОБСЕ во историската комисија, како што предлагаат нејзините поранешни членови, но, како што вели, ќе се вклучат и истражните органи за да се види на што се трошеле парите. Мицкоски одговори на отвореното писмо на дел од македонскиот тим од заедничката експертска комисија во кое тие оценуваат дека нивната работа многу често се користела за политички и партиски цели од страна на двете држави.
Премиерот Мицкоски смета дека потрошени се стотици илјади народни евра за ништо, односно како што рече, за нешто коешто резултираше со капитулација прифаќајќи го тоа што го прифатија двоецот Ковачевски и Османи.
„Оваа влада којашто доби легитимитет од граѓаните да ги исправа погрешно водените процеси во минатото кон овие членови на старата комисија, е прашање на политичка одлука, тоа не е прашање на нешто друго дали ОБСЕ ќе се вклучел или не знам кој ќе се вклучи. Нека се вклучи, ама ќе се вклучат сега малку и инспекциските и истражните органи да видиме каде се трошеа парите, колкави се хонорарите на овие коишто направиле ништо изминативе години, односно го засрамија народот во Македонија и ги продадоа македонските интереси“, нагласи премиерот Мицкоски.
Утринава преку писмено соопштение реагираа двајца од поранешните членови на последните промени во составот на Комисијата за историски и образовни прашања. Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за нивната работа ја оценија за неаргументирана, обвинувачка и навредлива, со која ги дели граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси според неговите лични погледи.
За нов претседател на експертската комисија е поставен универзитетскиот професор Ванчо Георгиев.
Известува Марина Стојанова Тонева
