Политика

Предлог-законот за бранители, нов фронт за политичка пресметка меѓу партиите

12.09.2024 12:37

Власта во предложеното решение гледа обид на СДСМ и ДУИ за креирање меѓуетнички тензии, од Бихаќка демантираат – велат дека законот има за цел да одговори на потребите на луѓето. Меџити порача – Законот за бранители нема да помине.

Обид за создавање меѓуетнички тензии и нетрпеливост, а не вистинска помош за бранителите и нивните семејства. Вака премиерот Мицкоски гледа на потегот на социјалдемократите во Собранието да поднесат предлог-закон за бранителите, а потоа, како што вели, да ја напуштат седницата кога се гласа дневниот ред. Според првиот човек во Владата, ова се прави за да се креира нетрпеливост и ќе биде карта на којашто опозицијата ќе игра во периодот што следи.

Лидерот на социјалдемократите негира. Вели дека Законот за бранители има цел да одговори на реалните потреби на луѓето, а не да креира тензии. Филипче е подготвен, како што рече, да разговара за сите аспекти на предлог – решението и демантира дека пратеничката група на СДСМ излегла од салата кога се требало да се гласа дневниот ред.

Се огласија и од Коалицијата „Вреди“. Велат оти нема да дозволат Собранието да стане арена за манипулации и поделби и во знак на протест ја напуштиле седницата.

Тука сме за да го браниме правото на албанскиот народ и да бараме сеопфатно решение за сите рани од минатото, вклучително и статусот на поранешните борци на ОВК. Нема да дозволиме ваквите прашања да се користат за прикривање на неуспесите и злосторствата што се направени врз нашиот народ. – велат од коалицијата „Вреди“.

 

Анита Димитријевска – Велковска