Цени

Работната група утре ќе предложи мерки за ограничување на цените

12.09.2024 14:39

Се подготвува есенската кошничка со која ќе се ограничи маржата на околу 100-тина прехранбени производи. Граѓаните и Организацијата за заштита на потрошувачи бараат итно ограничување на цените. Дали бизнис-секторот останува на ставот за пролонгирање на Законот за нефер трговски практики...

Овошје, зеленчук, грав, месо, ориз. ова се дел од производите што ќе се најдат во есенската кошничка. Ќе биде дефинирана до утре – велат од Економија. Работната група ќе одлучи дали ќе се ограничи маржата за пет до 15 отсто или цената ќе се ограничи на околу 100-тина производи кои најмногу се користат во овој период.

Во меѓувреме граѓаните бараат ограничување на цените на основните прехранбени производи во, според нив, еден од најдолгите месеци во годината, кога почнува учебната година и кога се подготвуваат зимниците.

Од Организацијата за заштита на потрошувачи велат дека цените воопшто не требало да се одмрзнуваат, но тогашната Влада немала слух за нивното барање. Па, според нив, очекувано било цените да вивнат, а последиците ги чувствуваме сега.

Од Стопанската комора имаше барање за пролонгирање на Законот за нефер трговски практики, кое сега е повлечено. На ова Сојузот на работодавачи со став дека коморите беа дел од креаторите на овој закон и нелогично е да го бараат тоа. Но она што недостасува е корпоративна етика и аналитички центри кога се во прашање цените, вели Бошков.

Законот за нефер трговски практики треба да стапи на сила кон крајот на месецов и со него би требало да се ограничи маржата на околу 2.500 производи. Целта е да се заштитат потрошувачите и производителите од трговците.

 

Александра Велинова