Капитални проекти

Последен ден од проектот за капитални инвестиции во општините

12.09.2024 14:57

Денеска завршува јавниот повик, повеќе од седумдесет општини се во трка за парите од колачот тежок 250 милиони евра за капитални инвестиции. Град Скопје бара средства за набавка на автобуси, општините во метрополата за обнова и изградба на здравствени објекти, училишта, комунални инвестиции. Кој ќе добие финансии ќе пресече владата...

Со над 300 проекти за капитални инвестиции општините бараат пари од владиниот колач вреден 250 милиони евра. Градот Скопје аплицира со 20, сака финансии од државната каса за да се обнови јавниот превоз со нови 95 автобуси и нови противпожарни возила. За дел од општините клучна ќе биде изградба и обнова на здравствени установи, подобрување на условите во училиштата, патната инфраструктура.

Општините Охрид и Прилеп ќе добијат над 2 милиони евра за реализација на капитални проекти за надминување на проблемите со водоснабдувањето и со сообраќајниот хаос.

Општините треба целокупната проектна документација да ја достават до министерствата каде што ќе се прави евалуација кои проекти ќе бидат избрани, а финалниот збор ќе го има Владата. Формирано е работно тело кое ќе следи како се трошат народните пари. Во првата фаза општините ќе добијат 6 милијарди денари.

 

Викторија Милевска