Јолевски од САД: За сенаторите и конгресмените е несфатлив потегот на СДСМ за бојкот

11.07.2014 17:00

Дадениот мандат од граѓаните мора да се оправда во институциите на системот...

На одвоените средби на министерот за одбрана, Јолевски со влијателни американски конгресмени, била искажана искрена поддршка на Република Македонија во остварувањето на евроатлантска интеграција. Македонскиот министер за одбрана го потенцирал интересот за проширување и за јакнење на стратегиското партнерство со САД. За сенаторите и конгресмените е несфатлив потегот на опозицискиот СДСМ за бојкот на Собранието. Дадениот мандат од граѓаните мора да се оправда во институциите на системот.

„Ставот на сенаторите и конгресмените е дека еднаш кога ќе бидат избрани од граѓните, имаат обврска да ги застапуваат нивните интереси, тие воопшто не го поддржуваат бојкотот на парламентот. Сметаат дека демократијата се одвива преку учество во парламентот,“ вели Јолевски, министер за одбрана.

Американскиот помошник државен секретар за eвропски и eвроазиски прашања Викторија Нуланд в понеделник доаѓа во Македонија, потврди Стејт Департментот. Нуланд ќе се сретне со шефот на дипломатијата Никола Попоски.

Се очекува да се разговара за билатералните односи меѓу двете пријателски држави засновани на доверба, на стратегиското партнерство, за регионалната и глобалната соработка во рамките на меѓународните мировни мисии. Ќе се потврди заложбата на Владата и на државните институции во спроведувањето на реформите во контекст на завршување на процесот на целосно евроатлантско интегрирање, соопштуваат од македонското МНР. Министерот Попоски ќе ја пренесе и јасната посветеност на Република Македонија на процесот на разговори со нашиот јужен сосед, со цел деблокада на интеграцијата на земјава во НАТО и во Европската Унија. Нуланд е на турнеја на земјите од регионот и Европа, при што ќе ги посети Белград, Подгорица, Приштина, Лондон и Брисел.

 Милчо Велески