надворешна политика

Претседателката Сиљановска-Давкова утре во Бугарија ќе се сретне со Радев

12.09.2024 20:22

Утре во Софија претседателката Сиљановска Давкова ќе се сретне со нејзиниот бугарски колега Румен Радев. Средбата доага во рамките на гостување на Ансамблот на МОБ во бугарската престолнина. Во делегацијата се и министрите Муцунски и Љутков.

Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова и официјално утре ќе отпатува и ќе престојува во посета на Бугарија.

Во рамки на посетата, Давкова во Софија ќе се сретне со претседателот на Бугарија, Румен Радев и најверојатно заедно ќе ја гледаат операта „Набуко“ од Џузепе Верди, која треба да се одржи во Софиската опера и балет.

МТВ од дипломатски извори дознава дека ова ќе биде повод да се реализира и првата средба меѓу двајцата претседатели.

Посетата на Сиљановска-Давкова на Софија е дел од културната дипломатија преку која може да се затоплат заладените односи со Бугарија, сметаат дипломатите, и да се создаде атмосфера во која би се отвориле и чувствителни прашања.

Давкова ќе биде придружувана од министерот за култура Зоран Љутков и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Двајцата претседатели требаше да се сретнат во Рим за време на нивната посета по повод Денот на светите браќа Кирил и Методиј, но средба тогаш немаше.

Последната официјална средба на претседатели на двете држави се одржа во октомври 2022 во Софија, каде Радев се сретна со тогашниот шеф на државата, Стево Пендаровски.

 

Борис Грујоски