Мирно завршија протестите на Бит Пазар
Полицијата иако испровоцирана со неколкуте фрлени камења, беше на височина на задачата, не реагираше во едноиполчасовните протести...

Јаја Пашината џамија по пладневната молитва беше поаѓалиштето на демонстрантите, меѓу нив многумина млади, со шамии и црни фантомки, подготвени за судир со полициските единици кои го спречија движењето кон комплексот судови и центарот на Скопје.
Полицијата иако испровоцирана со неколкуте фрлени камења, беше на височина на задачата, не реагираше во едноиполчасовните протести, и тогаш кога беа извикувани паролите УЌК, со погрдни зборови навредувани и институциите и самата полиција, па дури и владата во земјава. Сепак не изостана ултранационалистичката кореографија соодветна на демонстрациите од минатиот петок.
Протестите сепак беа генерално мирни. Немаше обиди за пробив на полицискиот кордон зад кој во неколку бранови беа распоредени борни возила со водни топови. Организаторите на протестот, кои сепак имаа тешкотии да ги смират младите, побараа од институциите на системот да не се дискриминираат етничките Албанци, одново е барана оставка на обвинителката Гешковска, побарано е ослободување на осудените за петкратното убиство кај Смилковско езеро.
Во толпата можеше да се забележи и градоначалникот на Струга Зијадин Села кој ја смируваше напнатоста, која што можеше секој момент да се измолкне од контрола, поради несогласувањата на помладите радикално насторени демонстранти да си заминат.
Професионално, како што и се распореди, полицијата по повлекувањето на демонстрантите го деблокираше булеварот Крсте Петков Мисирков, по што сообраќајот беше нормализиран.
Зад мирните но сепак тензичните протести остана фактот дека високиот ризик негативно влијае врз економијата во овој дел од градот. Продавниците, фирмите, но и околните институции не работеа.
Зоран Богатинов
