Изложба

Групна изложба „Млада уметност“ во Галерија МКЦ

13.09.2024 09:00

Изложбата обединува една необична, хетерогена група на млади уметници; сите учесници се на возраст до 35 години...

На 16-ти септември во Галеријата на МКЦ во Скопје во 20 часот ќе биде отворена групната изложба „Млада уметност“. Оваа изложба осветлува посебен дел од ликовниот пејзаж на современата уметност во Македонија и изложените дела ќе овозможуваат мал преглед на иновативните таленти на младите македонски уметници а воедно ќе дадат и нова перспектива за креативното изразување на младите уметници од нашата земја.

Изложбата обединува една необична, хетерогена група на млади уметници; сите учесници се на возраст до 35 години. Заедно излагаат познати уметници со завршени специјалистички студии и веќе остварени самостојни изложби кои подолго време се членови на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, и други, кои се на почеток од својата уметничка кариера и сè уште се студенти на разни ликовни академии и школи.

Ваквата разноликост на учесниците ја потенцира важноста на групните изложби. Со самото поставување на дела од разни автори во еден заеднички простор, изложбата „Млада уметност“ потхранува дијалог меѓу уметници кои живеат и творат во ист социјално-културен предел. Тој заеднички простор сега е плодно поле за размена на идеи, искуства, инспирации, за менторство и колаборација.

Со тоа, Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје станува динамично изложбено место каде индивидуалната креативност е потенцирана од колективната енергија на претставените дела.

На изложбаѕа ќе земат учество младите уметници: Стефан Анчевски, Јоана Арсовска, Тамара Блажевска, Елена Гелева, Ивана Ивановска, Саре Ќерими, Давор Ќешкец, Ана Костовиќ, Петар Миљковиќ, Ивана Мојсовска, Сандра Нау, Доротеј Нешовски, Симона Новаковиќ, Ивона Петрова, Мартина Спасовска, Олимпија Камчева, Ана Тодоровска, Никола Тренов, Риџет Ферати и Димитар Чакар.

Изложбата е поддржана од Министерство за култура и туризам на Република Македонија, а ќе биде отворена до 30-ти септември.