Москва почна контранапад во Курската област
САД нема да дозволат Украина да употребува балистички ракети со долг дострел кои Киев ги користи во пограничните области со Русија, објави британски „Тајмс“. Претходно, рускиот претседател Путин ги предупреди Вашингтон и Лондон дека одлуката за употреба на западно оружје со долг дострел на руска територија ќе значи директна војна со Москва. На фронтот борбите продолжуваат, руските сили почнаа со контранапад во Курската област.

Со цел да спречат ескалација, САД нема да дозволат Украина да употреби балистички ракети со долг дострел од Британија и Франција, кои Киев ги користи во пограничните области со Русија, објави британски „Тајмс“. Рускиот претседател Путин ги предупреди Велика Британија и САД дека ќе бидат во војна со Русија, а директното учество на западните земји во конфликтот ќе ја промени неговата суштина.
„Доколку се донесе оваа одлука, тоа нема да значи ништо помалку од директно учество на земјите од НАТО, САД и европските земји во војната во Украина. Ова е нивно директно учество и тоа, се разбира, значително ја менува самата суштина, самата природа на конфликтот. Тоа ќе значи дека земјите од НАТО, САД и европските земји се борат против Русија, а ние ќе донесеме соодветни одлуки врз основа на заканите што ќе ни се создадат“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
Руското Министерство за одбрана потврди дека нивните сили почнале контраофанзива против украинските војници во областа Курск, откако информацијата првично беше објавена од воени известувачи. Борбите продолжуваат и во други региони, а двете страни се напаѓаат и со дронови. За да заврши војната во Украина, светот мора да се соочи со некои непријатни прашања, изјави украинскиот претседател Зеленски.
„Секој треба да биде искрен, пред сè со себе. Затоа што е многу лесно да се осуди руската ракета што лета во нашето училиште. Но, не е така лесно да се признае дека оваа ракета може да има делови од Америка, Европа, Азија, од кој било дел од светот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Во меѓувреме, ЕУ ги прошири индивидуалните санкции против Русите кои ги смета за одговорни за војната во Украина.
Маријана Димовска
