Со игра или со тактика до титулата!
Германија нема пораз 17 натпревари, Аргенитна на овој шамионат е единствената репрезентација којашто ниту минута не беше во негатива и не прими гол на четири натпревари, ниту еден во елиминациските дуели...

Светско првенство, финале, Маракана, сон дури и за најголемите. Натпревар за којшто се живее, сега и можеби никогаш повеќе во кариерата. Затоа и Меси дава се за титулата, па и четирите златни топки. Германците со игра го градеа патот до рекордното осмо финале, Аргентинците не умираа во убавиот фудбал, мислеа само на резултатот и буквално го одработија петтиот меч за најдрагоцениот трофеј. Фудбалот ја почитува традицијата, но среќа не признава бројки, затоа што во океанот од статистички податоци може да се загуби смислата на 20-то мундијалско финале.
Сепак, без нив не се може, па Германија има три титули, но во последните четири финалиња триуфираше само еднаш и тоа пред 24 години токму против Аргентина со голот од белата точка на Бреме. Еден од двата пехара „Гаучосите“ го освоија со победата против „Панцерите“, 3:2 во 1986-та, но последните два шампионата ги завршуваа во четвртфиналето со порази од Германија, 2010-та со 4:0, 2006-та на пенали. Мундијалската историја ги содржи и славјето на Греманците 58-та и ремито 66-та.
Германија нема пораз 17 натпревари, Аргенитна на овој шамионат е единствената репрезентација којашто ниту минута не беше во негатива и не прими гол на четири натпревари, ниту еден во елиминациските дуели.
Но, бројките не носат трофеи, во модерниот фудбал многу често решава тактиката. И двете репрезеентации форсираат 4-2-3-1, со тоа што германската формација е напаѓачка, аргентинската – дефанзивна. Лев нема потреба да го менува тимот што го прегази Бразил иако фигурира една срамежлива варијанта да почне со Геце место Клосе. Агуеро е опоравен, Ди Марија не е стопроцентно подготвен, Сабеља размислува и двајцата да ги остави на клупата. Проценката е дека победникот ќе се решава на средината и тоа колку тандемот Маскерано - Биља може да растури акции на квартетот Кедира, Швајнштајгер, Крос, Озил.
Германскиот селектор чувствува дека ова ќе биде квалитетно, па дури и допадливо финале и дека се разбрира ќе триумфираат „Елф“ и со тоа ќе ја почнат доминацијата во светскиот фудбал. Аргентинскиот пак, смета дека им е потребен перфектен меч, со правовремено пополнување на просторот и без продадени топки во ризичните зони. Милер и Меси останаа тивки, ќе зборуваат на теренот, на Германцот му е потребен гол за да биде првиот фудбалер кој на две првенства бил најдобар стрелец. На аргентинскиот капитен, пак, не му се важни поединечните признанијата и така ги има премногу, само со пехарот може да се обиде да излезе од сенката на Марадона.
Во депресија од мизерниот крај на мундијалот надополнет со поразот од Холандијата во мечот за третото место, бразилските навивачи им ја расчистија Копакабана на повеќе од сто илјади „Гаучоси“ и бараат утеха во добрата заработка продавајќи ги претхдно купените билети за финалето. Во Германија пак, распродадени се неверојатни два милиони дресови на националната репрезентација. На славната Маракана во 21 часот ќе играат Германија и Аргентина, а ќе ги гледа цел свет, проценките се дека тоа ќе бидат рекордни повеќе од милијарда телевизиски мераклии на фудбалот, меѓу нив и македонските благодарение на преносот на „Прва“.
