Радев очекува решавање на отворените прашања
Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија и очекувам овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка, нагласи бугарскиот претседател...

Очекуваме Северна Македонија да ги исполни сите свои обврски и кон нас и кон Европската унија, изјави денеска претседателот на Бугарија, Румен Радев пред средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, која е во официјална посета на Софија.
Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија и очекувам овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка, нагласи бугарскиот претседател и додаде дека македонската влада сè уште не ја напуштила изборната реторика.
„Владата на Северна Македонија сè уште не ја напуштила предизборната реторика. Да се смират таму страстите, да се вратат во реалноста, таа е многу јасна. Нашите односи ќе продолжат да се градат врз основата на склучените спогодби и заклучокот на Европскиот совет. Тоа е критериумот на кој натаму ние ќе ги засноваме односите. Очекуваме Република Северна Македонија да ги исполни сите ангажмани кои ги презела, и пред нас на билатерална основа и пред партнерите, членките на Европската унија, за да има потполно разбирање при меѓусебните релации. И, конечно да се отвори вратата за Северна Македонија на европскиот пат за да можат луѓето од двете страни на границата да немаат задржувања и препреки за што било“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.
Тој потенцира дека ангажманот на раководството на Македонија во врска со коридорот 8 ќе биде јасен индикатор за вистинските европски амбиции на Македонија и за поголема поврзаност во регионот.
Радев исто така потврди дека очекува да биде поканет во официјална посета на Северна Македонија, со што ќе се продолжи протоколот на заемни посети меѓу двете држави.
