Путин предупреди на опасноста од отворен конфликт со НАТО поради ракетите со долг дострел
Се разгорува дебатата за прашањето, дали Украина ќе употреби западно оружје со долг дострел на руска територија. Стармер му порача на Путин дека тој ја започна војната и може да ја заврши во секое време. Рускиот претседател предупреди, директното учество на западните земји во конфликтот ќе ја промени неговата суштина.

Се разгорува дебатата за прашањето, дали Украина ќе употреби западно оружје со долг дострел на руска територија. Британскиот премиер во Вашингтон на средба со американскиот претседател Бајден, откако Лондон и Париз одобрија употреба на оружјето од нивно производство надвор од Украина. Стармер му порача на Путин дека тој ја започна војната и може да ја заврши во секое време. Рускиот претседател предупреди, директното учество на западните земји во конфликтот ќе ја промени неговата суштина.
„Доколку се донесе оваа одлука, тоа нема да значи ништо помалку од директно учество на земјите од НАТО, САД и европските земји во војната во Украина. Ова е нивно директно учество и тоа, се разбира, значително ја менува самата суштина, самата природа на конфликтот. Тоа ќе значи дека земјите од НАТО, САД и европските земји се борат против Русија, а ние ќе донесеме соодветни одлуки врз основа на заканите што ќе ни се создадат“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
За да заврши војната во Украина, светот мора да се соочи со некои непријатни прашања, изјави украинскиот претседател Зеленски.
„Секој треба да биде искрен, пред сè со себе. Затоа што е многу лесно да се осуди руската ракета што лета во нашето училиште. Но, не е така лесно да се признае дека оваа ракета може да има делови од Америка, Европа, Азија, од кој било дел од светот“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Кина која постајано е на критикувана поради врските со Русија, одново ги повика страните вклучени во конфликти во светот да седнат на преговарачка маса.
„Ако седнете и разговарате еден ден порано, мирот ќе дојде еден ден порано. Решавањето на жешките прашања како што се украинската криза и израелско-палестинскиот конфликт, промовирањето на мировните разговори за политички решенија е единствениот излез“, изјави Донг Јун, министер за одбрана на Кина.
Руското Министерство за одбрана потврди дека нивните сили почнале контраофанзива против украинските војници во областа Курск. Борбите продолжуваат и во други региони, а двете страни се напаѓаат и со дронови.
Маријана Димовска
