Питомци и офицери од Воената академија се затруле со храна, еден хоспитализиран
Питомци и офицери завршија на Инфективна со стомачни тегоби и повраќање. Сомнежот е за труење со храна, затворена кујната на операторот...

22 питомци во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и 4 лица во кумановската касарна се затруле со храна, покажуваат првичните информации на надлежните.
Најпрво тројца питомци со мачнина и повраќање биле пренесени на Инфективната клиника каде биле прегледани од дежурниот лекар, по што двајца биле вратени назад во единицата, а еден задржан во болница. Подоцна уште 17 питомци и двајца офицери се пожалиле со истите симптоми, биле однесени на Инфективната клиника и по третманот во стабилна состојба биле вратени во единицата. 4 лица се пожалиле на стомачни тегоби и во касарната „Боро Менков“ во Куманово.
Веднаш бил направен вонредна хигиенско-епидемиолошки надзор од Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство, во Воената академија и касарната „Гоце Делчев“ во Скопје и во касарната во Куманово. Земени се примероци за испитување за откривање на причината за овој случај. Затворена е кујната на операторот што е задолжен за снабдување со храна.
Анализата на инспекциските служби покажала дека до труењето дошло поради храната што доставувачот ја доставувал до мензата на Воената академија.
Ирина Гелевска
