Семејствата и најблиските се простија од полициските пилоти

13.07.2014 16:39

Најблиските, низ солзи и болка, ги запишаа последните пораки во книгата на жалоста. Сопругите, нивните чеда, родители, роднини, пријатели, колеги...

Началник пилот Драги Мицев, командир пилот Иљо Лопатички, капетан пилот Марјан Трајковиќ, пилот Тоде Орешков- судбината како да ги водела низ исти патишта. Сите завршиле средно воздухопловно училиште во Мостар и Сараево во Босна и Херцеговина. Воена акдемија, освен Тоде,  завршиле во Задар, сите до еден без колебање се одзвале на првиот повик на татковината за формирање на незaвисна македонска одбрана. Се вратиле  во земјата. Сите учествувале безпоштедно во конфликтот во 2001-та. Станале пилоти на македонските „Јастреби“. Сите во ист ден загинаа... 

Со едноминутно молчење колегите им оддадоа почит.

Во последниот поздрав нивните колеги порачаа- испративте пример на генерациите, оставивте печат во историјата на македонското воздухопловство, вашата ѕвезда никогаш нема да згасне на небото, од каде бдеевте будно над татковината.

Најблиските ги придружуваа и нивните претпоставени, првите луѓе на полицијата,  откако во книгата го запишаа последниот цитат.

Мицев, Лопатички, Трајовиќ и Орешков обучуваа кадри, учествуваа во акции, се соочија со многу ризици,  имаа планови и недовршени работи, но во четврточната вечер за нив запре времето. Откако кај Струмица удрија во антенскиот столб висок 120 метри се урнаа со полицискиот хеликоптер МИ- 17. Падот беше фатален за четворицата... Слава им!

 

Фиљана Кока