Здравство

Зголемен бројот на вакцинирани деца со „дитепер“ вакцина

13.09.2024 12:33

Почетокот на учебната година го зголеми интересот за вакцинација. Тројно е зголемен опфатот изминатава недела. Родителите побрзаа да ги имунизираат децата со „дитепер“ и МРП вакцина...

Тројно е зголемен бројот на имунизирани деца во пунктот за вакцинација во Букурешт. Лекарите велат дека дел од родителите ја запазуваат динамиката за имунизација, додека дел од нив ги носат бидејќи им е потребна потврда за во градинка.

Своите близначки на имунизација ги донесе родител кој потекнува од Блискиот Исток, а живее во Скопје. Не се сомнева во квалитетот на вакцините.

Докторката Цилевска-Младеновска вели непримањето деца во градинка без примена „дитепер“ вакцина даде резултат.

Родителите сфатиле дека не можат да добијат потврда без да го вакцинираат детето, па сега се обидуваат да добијат потврда дека од одредена причина треба да ја одложат.

Цилевска-Младеновска вели за разлика од дел од нашите сограѓани кои се скептични, странците коишто живеат во Скопје и имаат деца за вакцинација доаѓаат во пунктот ослободени од какви било предрасуди и ги имунизираат децата.

 

Наташа Јанчиќ - Менковски