Воздухопловство

М-НАВ: Отворена е истрага за избегнатиот инцидент на небото над Скопје

13.09.2024 12:53

Македонска навигација отвори истрага за случувањата на македонското небо, по информацијата од порталот „Сакам да кажам“ дека за малку ќе се судриле два авиона. Случајот го проверува и Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Авион на „Туркиш ерлајнс“ што летал од Мадрид до Истанбул и авион на „Санекспрес“, 30 секунди пред да се разминат биле на иста височина од 36.000 стапки, по што едниот се кренал за шест илјади стапки, а другиот се спушти, пренесе порталот „Сакам да кажам“. Македонска навигација отвори истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот.

„Ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури“, велат од М-НАВ.

Случајот го проверува и Агенцијата за цивилно воздухопловство, по поднесената пријава од М-НАВ. Според правилата на авиосообраќајот, меѓу авионите треба да има 2.000 стапки вертикална далечина, но, според информациите од Флајтрадар, тоа не било испочитувано во овој случај.

 

Игор  Панов