На Галичка свадба за прв пат две двојки

13.07.2014 19:55

Два дена се извршуваа сите обичаи по кои е позната Галичката свадба. Од утрото младоженците ги канеа своите мртви предци, потоа на веселба кај кумот, побратимите го бричат младоженецот. Следуваше и венчавката во црквата Свети Петар и Павле...

Со пискотот на зурлите и ударот на тапаните, со сите адети и илјадници туристи се одржа 41-та Галичка свадба. Годинава во брак стапија два пара. Порачуваат младите да прават што повеќе свадби и да се множат.

Низ прстен те гледам, в срце да ти влезам. Ова денеска во Гличник го кажаа две невести за прв пат откако Галичката свадба официјално се одржува како манифестација.

Во брак Стапија Ана Гаревска и Маргарита Ивановска со своите избраници Иван Сариески и Стефан Кукоски.

„Догодина нека има уште повеќе, ние да ги подготвуваме. Нека има не само две, туку три, четири и повеќе свадби“, изјави Маргарита Ивановска – невеста.

„Што повеќе да се множат, да имаат многу дечиња, што повеќе да ни се зголемува наталитетот и нацијата“, посакува Стефан Кукоски – младоженец.

„Јас сум израсната со овие адети и ми беше желба да правам Галичка свадба“, вели Ана Гаревска – невеста.

„Се снајдов, ми помагаа многу луѓе, се си беше под контола. Си учев, си читав за Галичката свадба“, раскажува Иван Сариески – младоженец.

Два дена се извршуваа сите обичаи по кои е позната Галичката свадба. Од утрото младоженците ги канеа своите мртви предци, потоа на веселба кај кумот, побратимите го бричат младоженецот. Следуваше и венчавката во црквата Свети Петар и Павле.

„Се, комплетно, целиот обичај јас го гледав на интернет, меѓутоа ова во живо е нешто неповторливо“, рече Петар Иваноски – татко на невеста.

За да го доживеат духот на Галичката свадба, долгиот пат до мијачкиот крај го поминаа илјадници посетители од земјава и странство.

„Се е убаво организирано на високо ниво. Многу ви благодарам. Јас многу ја сакам Македонија. Особено ни се допаѓаат народните носии“, вели турист од Русија.

За мене ова е една голема традиција која се одржува и ќе се одржува бидејќи сум галичанец“, вели жител на Галичник.

„Затоа галичани, каде и да се во светот, за Петровден доаѓаат овде, за да ја чујат оваа музика“, раскажува жител на Галичник.

Некогаш во Галичник за Петровден се одржувале 50-тина свадби. Денес ова е воодушевувачка туристичка атракција. Галичани знаат да ја негуваат вековната традиција.

Со последниот обичај – испраќањето на зурлите, заврши 41-та Галичка свадба. Нека им е за многу години на младенците.

Зоран Јованоски