Предлог-законот за заем од половина милијарда евра од Унгарија, помина на комисиска расправа во Собранието
Предлог-законот за заем од Унгарија, вреден половина милијарда евра, помина на седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Опозицијата не се појави во салата...

Во матичната комисија експресно помина Предлог -законот за заемот од половина милијарда евра од унгарската Експорт-импорт банка, по скратена постапка. На седницата не присуствуваа пратениците од опозицијата, кои претходно се заканија со блокада.
Предлог-законот го образложи заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски. Вкупниот износ на заемот изнесува 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со фиксна каматна стапка.
Пратеникот Стојановски рече дека пропаднал обидот на СДСМ да спречи заем по најповолни услови за капитални проекти во општините, а за кои како што рече, апликации поднеле и градоначалници од редовите на опозицијата. Според него, доколку опозицијата имала аргументи ќе поднела амандмани.
Опозициската СДСМ бараат да се отвори јавна расправа. Се сомневаат на скриени провизии и трошоци.
„Што сака да сокрие власта на Мицкоски за задолжувањето од 500 милиони евра? Корупцијата којашто ја подготвиле и ја договориле, заедно со провизиите и скриените трошоци. Законот изобилува со нелогичности, недоречености и многу непознаници, нема јасни критериуми и механизми за распределба на позајмените пари, нема јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите“-се вели во партиското соопштение.
Собраниската седница на која треба да се гласа за заемот се очекува да се одржи во вторник следната недела.
Марина Стојанова-Тонева
