Акција

Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама

13.09.2024 14:45

Сомнеж за епски криминал што се брои во милиони евра – министерот Тошковски за акцијата што се спроведуваше во неколку градови. Неколкумина завршија во полициска станица. Земени се документи, но не се откриваат повеќе детали. Обвинителството случајот го води како предистрага…

Претреси на десетина локации, приведени на разговор четворица. Полицијата, Обвинителството, Царината и Финансии во акција за сузбивање на група, осомничена за затајување данок и перење пари. Првиот човек на полицијата, Тошковски, вели дека се проверуваат индиции за сторен криминал од, како што вели, епски размери со кој за повеќе милиони е оштетен државниот буџет.

Обвинителството случајот го води како предистрага. Се вештачат прибраните докази за да се утврди дали има простор за отворање на истрага.

Претресите се реализирани по налог на судија на претходна постапка. Обезбедени се документи и електронски податоци. Во периодот што следи, истражителите од Центарот за дигитална форензика треба да ги анализираат овие документи кои може да бидат докази во потенцијалната кривична постапка.

 

Анита Димитријевска – Велковска