Љутков-Тодоров: Продолжуваме да ја развиваме меѓусебната соработка
Македонскиот министер за култура и туризам потенцираше дека како непосредни соседи сме упатени на интензивна меѓусебна комуникација, која низ дејствувањето на националните установи, авторите и репродуктивните уметници и во иднина, како што рече, ќе настојуваме да ја унапредуваме и да ја развиваме...
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Софија во колегијална атмосфера ја оствари првата билатерална средба со министерот за култура на Бугарија, Најден Тодоров, а пред вечерашното гостување на македонската Национална опера и балет на сцената во главниот град на Бугарија.
На средбата, министерот Љутков ја истакна подготвеноста на нашата држава да ги продолжи дијалогот и соработката со Република Бугарија, а културната дипломатија е инструмент за еманципација на културата во надворешната политика преку која може да се реализираат долгорочни цели, како и интензивна соработка, промоција и одржлив развој на односите со другите држави.
Македонскиот министер за култура и туризам потенцираше дека како непосредни соседи сме упатени на интензивна меѓусебна комуникација, која низ дејствувањето на националните установи, авторите и репродуктивните уметници и во иднина, како што рече, ќе настојуваме да ја унапредуваме и да ја развиваме.
На средбата беше истакната важноста на потпишаните билатерални документи, како Договорот за соработка во областа на туризмот меѓу македонската и бугарската влада склучен во 2000 година (во сила од 2002 година) и Спогодбата меѓу двете влади во областа на културата од 2000 година (во сила од 2002 година).
Последната Програма е потпишана во 2022 година и е со важност до 2025 година.
Министерот Љутков на средбата изрази задоволство од реализацијата на изложбата „105 години Требеништа“, која е пример за меѓусоседска соработка од значење за регионот и за Европа.
Оваа изложба беше надоврзување на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, Народниот музеј на Србија – Белград, Археолошкиот музеј на РС Македонија – Скопје и Заводот и музеј – Охрид. Досега изложбата беше претставена во Скопје и во Софија, а во 2025 година ќе биде отворена во Белград.
Беше посочено дека позитивно искуство во областа на културата меѓу двете држави беше и реализацијата на изложбата „Сребрена Тракија“, која го освои вниманието на македонската културна јавност.
На средбата со колегата Тодоров, министерот Љутков ја поздрави соработката во музичко-сценската дејност, особено меѓу националните оперски куќи. Македонската публика неодамна, на Мајските оперски вечери, имаше можност да ја проследи Вагнеровата „Валкира“, а како што нагласи Љутков, особено радува и денешната возвратна посета на Националната опера и балет со Вердиевиот „Набуко“.
Македонскиот министер за култура и туризам изрази поддршка за иницијативата на бугарскиот министер за организирање заеднички концерт на Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун и на Македонската филхармонија во Софија, а понатаму и во Скопје и во Солун.
На средбата соговорниците изразија и задоволство од соработката во областа на театарот меѓу двете држави, реализацијата на проектот „Манифест“ на Велешкиот театар и на Театарот од Пловдив и, секако, подготвеност за соработка на националните театри, МНТ и „Иван Вазов“, преку реализација на заеднички копродукции.