Дечињата најпогодени од голема кашлица во североисточниот регион
Дечињата до училишна возраст се најпогодени од голема кашлица, покажува статистиката на Центарот за јавно здравје Куманово. Во североистокот последнава седмица се регистрирани пет нови случаи. Вакцинацијата останува најдобра заштита.

Петмина заболени од пертусис последнава седмица регистрирани во североисточниот регион. Од Центарот за јавно здравје Куманово информираат дека заболените се од Липково, Кратово и Крива Паланка. Изминативе два месеца се евидентирани над 40 заболени, односно од почетокот на епидемијата во февруари во регионот има речиси 130 случаи. Најголем број од заболените се од Куманово над 80. Повеќето се до петгодишна или на училишна возраст.
„Треба да си ги вакцинираме редовно и навремено за нас е значајно навреме, почна училишната година и сепак ќе имаме ризик на појава на нови случаи. Останува и понатаму да се изолираат лицата кои се заболени, барем 5 дена во домашни услови и препораката навреме да ги упатуваат матичните лекари“ вели Јадранка Стаменковска, епидемиолог ЦЈЗ Куманово.
За разлика од регионот, државата сè уште е далеку од постигнување опфат од 95 отсто имунизација.
Лекарите укажуваат дека дел од заболените поминуваат со полесна клиничка слика, но има и со упорна и долготрајна кашлица.
Тимовите на Центарот за јавно здравје Куманово ќе продолжат да ги пребараат неевидентираните, да ги повикуваат да се вакцинираат, бидејќи тоа се смета за најдобра заштита, но и да укажуваат за изолација за веќе заболените.
Останува и мерката за целосна вакцинација за дечињата во градинка и училишта.
Елена Георгиевска
