Политика

Партиски препукувања по средбата на македонскиот и бугарскиот претседател

14.09.2024 15:12

Подготвеност за отворен и искрен дијалог во корист на двете држави – дипломати со оценка по средбата на македонскиот и бугарскиот претседател. Неистакнувањето на знамето, повод за партиски обвинувања за поткопување на нашите позиции …

Посетата на претседателката Сиљановска – Давкова на Софија е доказ дека Македонија е подготвена за искрен дијалог, смета поранешниот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев. Според него, промена во заладените односи меѓу двата соседи може да донесат средбите на највисоко ниво, културната соработка, но и граѓанските здруженија. Ѓорчев гледа простор за надминување на разликите во предлогот за одложена примена на уставните измени.

Опозицијата со низа критики за средбата Сиљановска – Радев. Неистакнувањето на македонското знаме е дипломатски дебакл и понижување на нашата држава, сметаат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги обвинија социјалдемократите дека токму тие ставиле потпис на договорите со Грција и Бугарија, со што ја понижиле државата и ги предале национални интереси.

„Со Преспанскиот договор го срозија македонскиот идентитет, а со Договорот за добрососедство со Бугарија самите ја доведоа државата во подредена состојба што е рамно на велепредавство, дозволувајќи да го преформулираме сопствениот идентитет и сите негови одредници“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Неистакнувањето на македонското знаме при посетата на Сиљановска – Давкова на Софија е грешка на протоколот, смета и амбасадорот Ѓорчев.

Првата средба на претседателите на Македонија и Бугарија беше проследена со големо внимание и низа реакции во двете земји.

 

Викторија Милевска