Воздухопловство

Контролорите на летање бараат да се проверат фактите за случајот со двата авиона

14.09.2024 15:59

Пријавата е процесуирана, случајот не е заташкан – Здружението на контролори бара да не се осудуваат нивните колеги пред да се утврдат фактите за случајот со избегнатиот судар на два авиона.

Да се проверат фактите и да не се избрзува со заклучоци, повика Здружението на контролори на летање. По информацијата дека на 7-ми месецов за влакно била избегната авионска несреќа со директен судир на два патнички авиони на македонското небо. Од Здружението се огласија дека пријавата за настанот била навремено процесуирана и нема намера да се забошоти случајот.

„Прогласувањето на овој настан за „сериозен инцидент“, без притоа да се проверат фактите не оди во насока на правично и вистинито расветлување на случајот. Напоменуваме дека „Flightradar24“ не е релевантна алатка за давање на точна позиција во реално време и како таква не треба да се користи за извлекување на заклучоци“, велат од Здружението.

Пензионираниот пилот, Кирил Каевски, за МТВ објаснува дека ваквите ситуации не им се непознати на пилотите и контролорите, но модерните авиони, вели тој, имаат уреди кои препознаваат приближување на друг авион со цел соодветно да се реагира.

Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи в понеделник во М-НАВ ќе разговара со контролорите, а ќе се преслушаат и аудиозаписите на контролната кула со пилотите.

 

Анита Димитријевска – Велковска