Израелските сили „газат“ на Појасот Газа

14.07.2014 10:29

Израелската чизма, повторно стапна на територијата на Појасот Газа, зона која што ги раздвојува Палестина и Израел, и спречуваше досега разгорување на повеќе годишниот конфликт. 40 илјади израелски резервисти и натаму чекаат наредба од Нетанјаху, да ја окупираат тампон зоната...

Бројот на загинати во Појасот Газа расте, додека израелските трупи газат по палестинска почва во тампон зоната. Во шестиот ден од израелската офанзива, морнаричките командоси се судрија со Хамас во првиот копнен напад. Од северниот дел на Газа, бран бегалци се повлекува пред израелските сили, кои со летоци ги предупредуваат на офанзивата во областа со цел спречување на ракетните напади на милитантите.

„Седнавме да јадеме пред постот. Неколку од децата излегоа на забава, кога одеднаш ракета ја погоди куќата и не исфрли надвор од станот“, вели Абир Абу Таир, повредена жена од Газа.

Обединетите нации проценуваат дека во нивните центри засолниште побарале околу 17 илјади луѓе. Генералниот секретар Бан Ки Мун предупреди дека се убиени премногу палестински цивили и го повика Израел да ги прекине плановите за копнена офанзива.Според извори од Газа, во борбите до сега загинале над 170 луѓе, меѓу кои и деца.

Од Светската организација заштита на Палестинската држава побара и палестинскиот претседател Абас.Израелскиот премиер Нетанјаху, и покрај повиците за мир од меѓународната заедница, одговори дека војската ќе го нападне Хамас уште посилно.

„Ќе ги употребиме сите расположливи средства за да го одбраниме нашиот народ, исто како што би сториле САД и секоја друга влада, соочени со таква ситуација“, изјави премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.

Во последните судири, од Газа кон Израел беа истрелани 130 ракети. Една од нив погодила електроенергетска инфраструктура на израелска територија, која ја снабдувала Газа, оставајќи без струја 70 илјади Палестинци.

 

Ивана Салтировска