Куманово

Температурните разлики, причина за зголемен број интервенции во Итната помош

15.09.2024 12:28

Падот на температурите за 20-ина степени и зачестените врнежи од дожд, не им одговараат на сите граѓани. Зголемен е бројот на лица кои деновиве побарале помош во итната помош. Најпогодени се хронично болните.

Намалувањето на температурите кое се случи наеднаш го зголеми бројот на интервенции во Итната помош. Здравствените работници од Куманово информираат дека деновиве пружаат помош на граѓаните при вртоглавици, зголемен притисок и други здравствени тешкотии особено кај хронично болните.

„Времето влијае најчесто на повозрасни пациенти, кај хронични пациенти со белодробни болести, со покачен крвен притисок, се јавуваат и пациенти со болки во зглобови, ревматски промени, со болки во кичма. Ова намалување на температурата на воздухот влијае секако врз тие пациенти“, истакна д-р Валентина Тодоровска Трајковска од Итна медицинска помош.

Промената потешко ја доживуваат повозрасните, но не се имуни ниту помладите.

За разлика од повозрасните помладите полесно се адаптираат на временските промени. Вообичаено тие се јавуваат за совети.

Пониските температури вообичаено им одговараат на повеќето граѓани, иако реагираат дека промената дојде наеднаш. За само еден ден температурите се намалија за 15 до 20 степени.

Апелот на лекарите е вообичаен за ваквите временски промени. Да му се дозволи на телото да се прилагоди на температурите, да се пие редовната терапија, и да се внесуваа здрава храна и доволно течност.

 

Елена Георгиевска