Охрид

Потребна нова стратегија за развој на туризмот во Охрид

15.09.2024 12:58

Потребна е нова стратегија за туризам во Охрид. Избегнување на масовноста, фокусирање на алтернативен и одржлив туризам во кој заштитата на природното и културното богатство ќе бидат основа...

Наместо масовен, потребен е одржлив туризам. Охрид треба да работи на привлекување на еколошки свесни и културни гости. Главните адути на градот под капа на УНЕСКО, треба да бидат уникатното културно историско богатство и ретките природните убавини. Ова се препораките на експертската јавност. Од Општина Охрид велат, се иницира нова стратегија за туризам.

„Немам дилеми дека треба да се направи Стратегија за туризам, но тука Општина Охрид не е стручна, тука треба соработка не само со Факултетот за туризам, туку и со многу луѓе кои се со години во туризмот. Во наредниот период ќе имаме една дебата каде што конкретно би презеле конкретни чекори, а ќе ја иницираме преку секторот за туризам и локален развој на којашто ќе бидат поканети експерти од туризмот и се надевам дека ќе дојдеме до еден финален документ“, вели градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков.

Главниот туристички центар мора да изнајде начини за разбивање на сезоналноста. Во одреден период има огромен број на туристи, а во друг воопшто ги нема. Поради напливот на гости, градот се соочува со низа комунални предизвици.

„Предизвиците, би рекол и проблемите со коишто токму во тој период се соочуваме, без разлика дали е тоа менаџирањето со ѓубрето, дали е недостатокот на вода, кога ќе кажам мислам на притисокот намален во тие денови. Така да, градот има сериозни проблеми“, додава Пецаков.

Според научната фела, туристичката понуда на Охрид треба да се базира на рекреација и релаксација во природа, како и истражување и учење за културното наследство.

Искуствата во светски рамки покажуваат дека алтернативниот туризам обезбедува поголем економски бенефит во дестинацијата, во однос на масовниот. Поголемиот дел од парите остануваат во локалната економија, а од друга страна овозможува заштита на природата и културните вредности.

 

Соња Рилковска